Мнозинството граѓани не верува дека надлежните институции ќе се справат со проблемите кои го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО. Во анкетата што за сопствени потреби изминатиот период ја спроведе интернет порталот OhridNews 84% oд граѓаните се изјаснија дека НЕ веруваат во ефикасно решавање на проблемите кои го загрозуваат единственото УНЕСКО подрачје во Македонија, додека 16% мислат оти надлежните успешно ќе ги изменаџираат проблемите и Охрид нема да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.
Како што е познато, Комитетот за светско наследство на последната сесија, што се одржа ова лето во главниот град на Азербејџан, Баку, ја одложи одлуката Охрид да биде ставен на листа на заштитени подрачја во опасност поради сериозно загрозување на природното и културното наследство поради кое Охридскиот регион четири децении е под заштита на УНЕСКО.
Мораториум на градење и легализација на дивоградби, уривање на нелегално изградените објекти во заштитеното подрачје, утврдување законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување со Охридскиот регион, се дел од 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО утврдени уште во 2017 година, кои неодамна ги реафирмира Комитетот за светско наследство. Притоа, УНЕСКО потенцира дека треба да се исполнат сите останати барања, за што македонската влада до комитетот во февруари треба да испрати извештај за реализираното. Комитетот на наредната сесија што се очекува да се одржи идното лето повторно ќе расправа дали да го стави Охрид на листата на загрозени подрачја.
Во меѓувреме советот на Општина Охрид донесе одлука за мораториум за градба до донесување на Планот за управување со Охридскиот регион, по што таков акт усвои и советот на град Струга. Исто така, Општина Охрид подготви Акциски план за исполнување на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО, а изготвен е и Регистар на дивоградби кој е во фаза на проверка, по што според најавите на локалната и централната власт ќе следи уривање на нелегално изградените објекти, доградби, надградби, тераси и платформи на охридското крајбрежје. Според евиденцијата на локалната самоуправа, на територијата на општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои 409 во заштитените зони на националниот парк, на крајбрежјетото на Охридското Езеро и во старото градско јадро.
Охрид е само едно од 35 подрачја во светот кои се под заштита на УНЕСКО по два основи, како вредно природно и културно наследство.
Г.М.