Цените на мало во мај годинава во однос на претходниот месец се намалиле за 0,3 отсто, а трошоците за живот паднале за 0,6 проценти, пренесува „Макфакс“.

Ова денеска го соопшти државниот завод за статистика, додавајќи дека цените на мало во мај на годишно ниво бележат раст од 1,8 отсто, а трошоците на живот пораснале за 0,2 проценти.

Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за едно четиричлено домаќинство, пресметана врз основа на цените на мало, во мај годинава изнесува 12.378 денари и во однос на претходниот месец е пониска за 2.2 проценти.

Според официјалните статистички податоци, намалувањето на трошоците на живот, во мај во однос на април од 0.6 отсто е резултат на пониските цени на зеленчукот за 14.9 отсто, на овошјето и алкохолните пијалаци за 0.3 отсто, месото и јајцата за 0.2 проценти.

Во мај, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај козметичките производи за 1.4 отсто, средствата за образование за 1.3 проценти и материјалите за одржување на станот за 0.4 отсто.

Пораст на трошоците на животот во мај 2010 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај млечните производи за 1.4 отсто, мастите за 0.8 проценти, сувото овошје за 0.6 отсто, преработеното овошје и свежото и киселото млеко за 0.4 проценти и преработките од месо за 0.3 отсто.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан кај услугите за одржување на станот и средствата за хигиена за 1.6 отсто, нафтените деривати за 1.5 проценти, обувките за 0.9 отсто, храната во ресторани и хотели за 0.3 отсто и лековите за 0.2 проценти.

OhridNews
извор: „Макфакс“