Копродукцијата Мал драмски театар- Битола и Нов театар -Охрид синоќа во претседателскиот апартман во хотелот „Инекс Горица“ премиерно ги прикажа заедничките проекти, претставите „Граница“ на текст од Венко Андоновски и „Валкани приказни“  работена според текстови од група автори.

Режисерката Софија Ристевска по прикажувањето на првата претстава, изјави дека премиерата помина во пријатна атмосфера. „ Публиката беше изненадена, многу убаво реагираше затоа што во текстот станува збор за границата помеѓу општеството, политиката и личното, човечкото и до каде политиката може да навлезе. Тоа е многу актуелна тема и ги допира сите гледачи. Мислам дека го променува начинот на мислење“, рече режисерката.

Авторот на текстот на претставата „Граница“, Венко Андоновски кажа дека првпат присуствува на претстава која се игра во собна атмосфера. „Она што го видов ме фасцинираше. Имав некакво претчувство дека тој текст не може да заживее на сцена, а тие го сместиле каде што треба“  објасни Андоновски.  „Претставата покажува дека државата може да влезе до спалните соби во нашите домови“, потенцира Андоновски.

„И „Валкани приказни“ изобилува со емоции и екпресионизам а донесува и бројни пораки во кои секој може да се најде. Се работи за компилација од приказни и во секоја од нив мојот лик е различен“, рече дипломираниот актер Стрезо Стаматоски.

Според екс-министерот за култура, Благој Стефановски, со Мал драмски театар од Битола и Нов театар од Охрид се акумулира нова енергија во македонското глумиште. „ Јас тие луѓе ги препознавам, тоа на еден начин ми е професија.Мислам дека оваа енергија  која сега ја има и во Битола и Охрид, па и во Прилеп и во цела Македонија, треба на соодветен начин да се поддржи. За жал, тоа денес не го чувствувам во Македонскиот театар и оттаму посегнав на овој начин да го правам тоа“, изјави Стефановски и изрази надеж дека  ќе има и европски пари и мецени кои ќе го поддржат театарот кога ќе ја видат оваа енергија.

Охридско-битолската копродукција најави дека заедничките проекти продолжуваат и во иднина.

Ohridnews