За да можат по нова година да ги добиваат пензиите, пензионерите ќе мора да отворат трансакциски сметки во банките, или да склучат договор со „Македонска пошта“ потсетија денеска од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.

„Исплатата на пензиите не смее да биде на товар на пензионерите“, предупреди претседателот на Здружението, Ѓорѓи Трпчевски и додаде дека  мора да се изнајде решение, пензиите  да им се исплаќаат дома на оние кои кои што тоа ќе го побараат, а особено на пензионерите кои живеат во селата.

На денешната прес-конференција беше соопштено дека околу140 илјади пензионери  немаат отворено трансакциски сметки.

„Со трансакциските сметки се усогласуваме со европските стандарди, но министерот за финансии Трајко Славески  вети дека ќе се направат напори и поштарината да биде минимална преку субвенции на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и преку услугите во поштенскиот сообраќај, само за да не падне  целиот товар на пензионерите“, рече Трпчески.

Крајниот рок за отварање на трансакциска сметка е  15 ноември, а како што рече Трпчески, има најави тој да биде пролонгиран до крајот на годинава.

Во Охрид и Дебрца има околу 3 илјади пензионери.

Ohridnews