Новиот француски претседател е Емануел Макрон на кој Французите денеска му доверија нов петгодишен мандат освојувајќи 58 отсто од гласовите, покажуваат излезните анкети. Сепак тој е далеку од 66,10 отсто освоени гласови во 2017 година. Марин Ле Пен освои 42 отсто од гласовите.
Непосредно по објавувањето на резултатите, старо-новиот претседател пристигна под Ајфеловата кула, придружуван од неговата сопруга Брижит и децата.
Избравте хуманистички, амбициозен проект за независност на нашата земја, за Европа. Европски проект, социјален, еколошки, заснован на работа и создавање, проект за ослободување на нашите академски сили. Сакам да го носам овој проект со сила во годините што доаѓаат со тоа што ќе бидам складиште на поделбите што се изразени и разликите и со тоа што ќе осигурувам почит за сите, секој ден и ќе продолжам да работам за поправедно општество и еднаквост меѓу жените и мажите. – истакна Макрон кој беше поздравен со аплаузи.
Годините кои доаѓаат нема да бидат мирни. Ќе мораме да бидеме амбициозни. Војната во Украина е тука, за да не потсети дека Франција мора да го крене гласот за да ја покаже јасноста на своите избори и да ја покаже својата сила во сите области, додаде тој.
Избори денеска имаше и во Словенија, каде партијата на актуелниот премиер Јанез Јанша, претрпе пораз
Според досега 53 отсто преброени гласови, Движењето за слобода на Роберт Голоб освои 32,87 отсто, односно 41 мандат, додека СДС на Јанез Јанша има 25,12 отсто и освои 31 мандат во Парламентот со 90 пратенички места, соопшти Државната изборна комисија во Словенија.
Нова Словенија доби 7 отсто од гласовите и осум мандати, а СД со 6,67 отсто од гласовите освои осум пратенички места.
По затворањето на избирачките места, Голоб им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат и посебно за оние кои му ја донесоа изборната победа.
Луѓето навистина веруваат дека ние сме единствените кои можеме да донесеме промени. Денеска луѓето танцуваат, утре започнува нов ден и утре ќе почнеме да се обидуваме да ја оправдаме таа доверба, рече Голоб, целиот трогнат и повика: Ајде да танцуваме!