По синоќешната итна седница на француската Влада, претседателот на Петтата република им нареди на министрите да направат се за да се воспостави ред на улиците.

Ширум Франција веќе шест ноќи по ред траат насилните протести поради убиството на малолетникот Наел М, кој беше застрелан од полицаец.

Францускиот претседател посочи дека „владата мора да продолжи да биде деноноќно со полицијата, жандармите, судиите, службениците и пожарникарите“.

Ние мора прво да одвоиме време да ги квалификуваме настаните пред да донесеме заклучоци, им соопшти шефот на државата на највисоките француски претставници.

На барање на Макрон, премиерката Елизабет Борн денеска ќе ги прими претседателите на пратеничките групи во Националното собрание, јави БФМТВ.

Изминатата ноќ беше помирна од претходната и полицијата приведе само 78 престапници, речиси 10 пати помалку отколку ноќта меѓу саботата и неделата.

Во Париз се уапсени 20-тина демонстранти, но на местата каде што претходните денови жестоко се судрија демонстрантите и полицијата, синоќа беше релативно мирно, јавува БФМТВ.

По средбата синоќа со премиерката Елизабет Борн и седуммина министри претседателот Емануел Макрон денеска ќе се сретне со претседателот на Сенатот, Жерар Ларше, а потоа и со Јаел Браун-Пиве, претседател на Националното собрание.

Тој утре во Елисејската палата ќе прими и 220 градоначалници и претседатели на општини, откако во изминатите неколку дена демонстрантите жестоко се судрија со полицијата и запалија автомобили и куќи, соопшти претседателската администрација.

OhridNews