Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин денеска се договорија да дозволат во наредните часови да се одржи состанок на работната група со цел да се постигне примирје во Украина, соопшти Елисејската палата.
Путин и Макрон во телефонскиот разговор силно се обврзаа да ги преземат сите корисни активности за, како што наведува официјален Париз, „да се избегне ескалација, да се намалат ризиците и да се зачува мирот“.
Елисејската палата соопшти дека двајцата претседатели во денешниот телефонски разговор, кој траеше еден час и 45 минути, се договориле и за рестартирање на активностите „во нормандиски формат“ врз основа на размената на мислења и украинските предлози во изминатите денови.
Макрон и Путин ја истакнале и потребата да се даде приоритет на дипломатско решение за актуелната криза и настојување да се направи се што е можно за да се дојде до такво решение.
За да се постигне тоа, во наредните денови и недели ќе биде во тек интензивна дипломатска работа, наведуваат од Елисејската палата, прецизирајќи дека во следните денови ќе разговараат францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Овие дипломатски напори треба да овозможат „напредок врз основа на неодамнешните“ разговори, во кои ќе бидат вклучени сите страни (Европејци, сојузници, Руси и Украинци) со цел да се одржи, доколку се исполнат условите, состанок на највисоко ниво за да се дефинира нов мировен и безбедносен поредок во Европа“.
Oд друга страна, кабинетот на Макрон соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му рекол на францускиот колега дека има намера да ги повлече руските трупи од Белорусија штом ќе завршат тековните воени вежби, соопшти денеска кабинетот на Макрон.
По телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, француското претседателство соопшти дека изјавата „ќе мора да биде проверена“ бидејќи е спротивна со изјавата на белоруската Влада во која се наведува дека руската војска „ќе ги продолжи вежбите“ по нивниот крај објавен претходно во неделата. Со продолжувањето на маневрите, Москва ќе располага со големи сили во близина на границата со Украина.
Макрон и Путин во денешниот телефонски разговор не се согласија околу тоа кој е одговорен за тензиите во источна Украина, изјави советник на францускиот претседател.
Според него, Макрон ги обвини проруските сили, а Путин смета дека е одговорна Украина.
OhridNews
Фото: Миа