Македонците се задоволни од својата телесна тежина, ручекот останува нивни главен оброк, а диети не практикуваат многу често, освен кога постат. Ова го покажува истражувањето за начинот на исхрана спроведено од ГФК Групацијата, пренесува „Макфакс“.

Три четвртини од испитаниците изјавиле дека ручекот за нив претставува главен оброк во текот на работната недела, што претставува благ пораст во однос на истражувањето во 2009.

Според ГФК, ова можеби се должи на се подинамичниот живот кај македонските граѓани како и на нивната амбиција за проевропски начин на живот,  каде што фокусот е ставен на еден главен оброк во текот на денот за време на работната недела.

„Спротивно на ова, забележано е опаѓање на процентот на граѓани кај коишто доручекот е  главен оброк. Имено 17% од испитаниците изјавиле дека доручекот е нивен главен оброк во текот на денот наспроти 21% од испитаниците кои се изјасниле така во 2009“  се вели во истражувањето.

Забележлив е и порастот на ручекот како главен оброк за време на викендите, кој веројатно е последица на тоа што сите работни обврски во текот на работната недела не дозволуваат доволно време за обавување на семејни активности, па викендите и ручекот главно се резервирани за семејството.

Македонците се генерално задоволни од својата тежина. Повеќе од половината испитаници (55%) се изјасниле дека сакаат да ја задржат својата моментална телесна тежина.

Граѓаните на Македонија не практикуваат специјален режим на исхрана освен кога постат.

„Имено дури 60% од испитаниците се изјасниле дека не практикуваат некој специјален режим на исхрана. Од оние 40% кои што некогаш практикувале посебен режим на исхрана, најголем дел го практикуваат постот, следени од оние кои практикуваат диета за намалување на телесната тежина како и испитаници кои спроведуваат некаква  здравствена диета“ покажало истражувањето.

 Истражувањето за начинот на исхрана е дел од ГфК Омнибус истражувањето што се спроведува континуирано секоја година во април. Истражувањата се спроведуваат на репрезентативен примерок од 1000 испитаници кои имаат над 15 години. ГфК Групацијата е една од меѓународните компании за истражување на пазарот.

OhridNews
извор: „Макфакс“