По повод одбележувањето на националниот празник Илинден, во Домот на армијата на Албанија друштвото на Македонците во Албанија „Илинден“ од Тирана организираше промоција на книгите „Македонците во Австралија“ од М-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн и „Борје и Борјани“ од Елмаз Докле од Гора.

На промоцијата присуствуваа Македонци од Албанија, дипломатскиот претставник на Македонија во Тирана Горан Бојковски, како и повеќе албански медиуми.

-Ова е прво одбележување на Илинден во Тирана, а намерата е тоа да премине во традиција во иднина, истакна Аријана Шутку, од друштвото „Илинден“.

Во обраќањето пред присутните, авторот Ицо Најдовски Перин, направи паралела како би требало да се зачува македонскиот идентитет во Албанија, нагласувајки дека Македонците во Австралија успешно се справуваат со исчезнувањето на јазикот, културата и другите национални белези кои се под постојан притисок во тамошното општество. Имено, Македонците на петтиот континент, се на прво место од 230 етнички  групи кои го зборуваат мајчиниот јазик  во своите домови, што е своевидна брана против асимилацијата.

Авторот на книгата „Борје и Борјани“ Елмаз Докле, истакна дека јазикот на Гораните иако живеат во три држави е дијалект на македонскиот јазик и не му припаѓа ниту на бугарскиот ниту на српскиот јазик.

OhridNews