Македонците во услови на криза штедат на облека и обувки, на одмори и излети, ги намалуваат трошоците за домаќинство, излегувањата во кафе барови, и го  скусуваат купувањето на трајни добра.

Ова го покажа истражувањето на ГфК Скопје, паралелно со испитувањето на агенцијата за истражување на пазарот ГфК “Штедење од ден на ден во Европа”, кое покажа дека европските потрошувачи различно реагираат во услови на криза, како и дека жените се поекономични од мажите, пренесува „Макфакс“.

Според истражувањето Европските топ 3 методи за штедење се купување храна и пијалоци што е можно поевтино, одложување на поголеми набавки (автомобили или машини за перење алишта), како и поретка посета на кафе барови, но сепак во различните држави има поинаков приод кон штедењето.

Повеќе од четири од десет потрошувачи во Германија, Холандија и Австрија се обидуваат да купуваат храна и пијалоци што е можно поевтино. За разлика од нив, повеќето Руси и Италијанци одговориле дека кратењето на трошоците го прават во делот на купување облека и обувки (49% односно 43%).

Поретко, и јадењето во ресторан е друг начин за ограничување на секојдневните трошоци: посебно, Германците (48%), Французите (45%), Австријците (41%) и Италијанците (42%) штедат пари на овој начин.

Потрошувачите во Русија и Германија посебно (45% и 42%) се обидуваат да ги одложат крупните набавки како што е купување автомобил или пак машина за перење алишта.

Истражувањето, во кое се опфатени Германија, Франција, Шпанија, Австрија, Полска, Италија, Холандија, Обединетото Кралство и Русија, покажа дека генерално, жените во Европа штедат повеќе отколку мажите.

Жените купуваат храна и пијалоци што е можно поевтино (42% наспроти 34% мажи), трошат помалку на облека и обувки (43% наспроти 36%) и купуваат весници и списанија поретко (24% наспроти 18%).

Европските домаќинки од средната класа особено штедат пари на храна и пијалоци (48%), ги ограничуваат нивните трошоци за облека и обувки (47%), и поретко ги посетуваат кафе баровите (43%), рестораните (46%) и кино салите (45%), покажа истражувањето на ГфК.

Ohridnews
извор: „Макфакс“