Македонските работници повеќе сакаат да одат на боледување отколку чесно да си го заработат лебот. Статистиката на Фондот за здравствено осигурување покажува дека во текот на минатата година за да се покријат социјалните бенефиции на име на платено боледување и породилно отсуство од сметката на Фондот биле потрошени речиси 29 милиони евра што е за 20 отсто повеќе отколку во 2008 година.
Забележително е дека бројот на породилни отсуства има континуиран постепен пораст и тоа од 7.800 доделени права на породилно отсуство во 2007 година до 9.911 отсуства доделени во текот на 2009 година. Во Фондот велат дека станува збор за позитивен тренд, на кој најмногу влијае владината политика за зголемување на наталитетот.
Но, оттаму укажуваат на една негативна појава на драстичен пораст на боледувањата на работниците. Имено, во 2005 г. биле доделени 6.325 боледувања, а лани оваа бројка пораснала на 16.757 боледувања, што претставува пораст од над 10.000 боледувања или за 265 отсто. Поради овој лош тренд, во Фондот најавуваат засилени контроли во постапката на доделување боледувања.
извор:„Макфакс“