Неизвесно е враќањето на тројцата македонски театарски работници од Исланд, од каде поради вулканската ерупција не сообраќаат авионите, а бродовите и другите превозни средства се пребукирани. Софија Ристевска, Македонка Илиевска и Златко Митревски, тројцата Македонски државјани, веќе трет ден се заглавени на Исланд и не можат да тргнат назад заради приземјувањето на авионите

Тие учествуваа на меѓународен тренинг за “Community theatre“ што се одржа на Исланд од 10ти и 17ти Април. Со оглед на околностите, нивниот престој таму е пролонгиран и не се знае уште колку ќе мора да останат додека повторно не се отворат аеродромите.

Како што не информираа од Културниот центар „Медиа Артес“ од Охрид, од каде прават напори да им се помогне на македонските државјани преку линкови на островската земја,  сите останати учесници на семинарот од регионот (од Србија, Босна и Херцеговина итн) се згрижени на Исланд, во семејства на нивни сонародници-имигранти, додека македонските претставници се оставени сами на себе.

– Со оглед на тоа што Македонија нема Амбасада ниту конзуларно претставништво на Исланд, утрово се обидувавме да добиеме информации од конзуларното одделение на Министерството за надворешни работи на РМ во однос на тоа со која држава (која веќе има претставништво на Исланд) Македонија има договор за соработка, како и практични упатства кои ќе им помогнат на нашите државјани. За жал, не можевме да добиеме ниедна од овие информации. Шефот на одделението, г-дин Дураковски не беше достапен заради состаноци, па останува да му биде пренесена информацијата и да добиеме повратен одговор. Единствена информација која ни беше дадена е таа дека најблиската амбасада која Македонија ја има е онаа во Велика Британија и дека тие се надлежни и за Исланд, но тоа во моментов е од мала практична помош – велат од „Медиа Артес“..

Оттаму додаваат дека нивните колеги сега се  препуштени сами на себе, а сите трошоци во овие дополнителни денови се на нивна сметка бидејќи авиокомпаниите не ги признаваат трошоците.

– Ситуацијата е навистина фрустрирачка. Остануваме во надеж и очекување на солидарност и помош за нашите колеги, особено од надлежните институции-велат од „Медиа Артес“.

Г.М.