Македонското културно наследство во ноември годинава ќе биде претставено на два исклучително значајни меѓународни настани во Италија и во Франција. 

По успешното претставување на меѓународната манифестација Берза за археолошки туризам во Пестум, Италија во текот на минатата година, Република Македонија повторно ќе има свое претставување на овој значаен настан.

-Во ноември 2014 година нашата земја за прв пат на овој саем беше преставена преку Управата за заштита на културното наследство. Берзата е меѓународен настан во кој Италија и други земји, гости од цел свет, ги претставуваат своите културни богатства преку различни активности, разменувајќи искуства и презентирајќи ги најпознатите археолошки наоѓалишта, сакрални споменици и природни богатства. Според податоците на организаторите, минатата година биле евидентирани 10.000 посетители, вкупно 130 изложувачи од 25 странски земји, 50 конференции и состаноци, 300 предавачи, 100 новинари и претставници од UNWTO, UNESKO и ICCROM, велат од Министерството за култура на Република Македонија.

На крајот од годинава, културното наследство за прв пат ќе биде претставено и на Меѓународниот саем за културно наследство во Париз, Франција, кој ги обединува професионалците од областа на реконструкцијата и заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство. Саемот се одржува во престижниот амбиент на „Carrousel du Louvre“ и претставува настан од суштинско значење како збирно место за припадниците на секторот за културно наследство уште од 1994 година.

OhridNews