Сто дваесет и шест припадници на Армијата на Република Македонија-АРМ, шест месеци рамо до рамо со колегите од армиите членки на НАТО извршуваа сложени задачи во обезбедување на мирот во Авганистан. Тие деновиве од Кабул, каде во рамките на Британскиот контингент ја обезбедуваа командата на ИСАФ, се вратија во Македонија.

„Секоја мисија нормално  е опасна било да е таа во Македонија или надвор во странство, но сметаме дека ние достојно одговоривме на задачите во Авганистан“, велат македонските „леопарди“, додавајќи дека сепак најважно од се’ е што сите се враќаат дома живи и здрави.


македонските мировници по враќањето во Охрид

Иако зоната на дејствување на македонските војници е во помирниот дел на Кабул тие извршуваа исклучително сложени дејствија во земја во која самоубиствените напади и вооружените инциденти се секојдневие, вели капетанот Мице Котески, одговорен старешина во четата на АРМ која ја обезбедуваше командата на ИСАФ. „Во нашиот контингент имаше војници од Велика Британија, но нашите војници воопшто не заостануваа зад нив, туку напротив, предначеа по способност, храброст и начинот на извршување на задачите“, вели Котески. Според него тоа е доказ дека АРМ заслужува да биде членка на НАТО.


меѓу најистакнатите во мисијата беше и охриѓанецот Дане Маркоски

По повод враќањето на македонските мировници од Кабул, денеска во касарната „Михајло Апостолски“ се одржа свеченост на која десетина  професионални војници беа наградени и пофалени за нивниот придонес во успешната мисија во Авганистан.

Г. Момироски