Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино ќе бидат главните адути, со кои Македонија ќе се претстави на уште 3 светски саеми за туризам во текот на наредниот месец.
Според распоредот на настани од ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” за 2015 година, македонската туристичка делегација ќе биде дел од туристичкиот саем „ITB“, кој од 4-ти до 8-ми март се одржува во Берлин, Германија. Свој изложбен штанд Македонија ќе има и на Саемот за туризам „Mitt“, кој ќе се одржи од 18-ти до 21-ви март во Москва, Русија.
Според планираното, македонската туристичка понуда ќе биде претставена и на Саемот за туризам „TUR“ во Гетебург, Шведска, кој ќе се одржува од 19-ти до 22-ри март 2015 година. Саемската промоција на Македонија ќе продолжи кон крајот на јули на туристичкиот саем во Келн, Германија.
Инаку во текот на јануари и февруари годинава, ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” ги презентираше нашите туристички можности на саемите во Утрех, Истанбул, Брисел, Софија и Белград.
OhridNews