Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино ќе бидат главните адути, со кои Македонија ќе се претстави на саемот за туризам „Jata“, кој ќе се одржи од 24-ти до 27-ми септември 2015 година во Токио, Јапонија.
Оваа престижна саемска манифестација е еден од најголемите туристички настани во Јапонија, на кој годинава се очекува да бидат презентирани повеќе од 150 земји и региони. Во рамки на саемот ќе биде организиран и Меѓународен туристички форум каде што експертите ќе дадат увид во најновите трендови за патување и ќе дискутираат за прашања со кои се соочува туристичката индустрија.
Според распоредот на настани од ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” за 2015 година, свој изложбен штанд Македонија ќе има и на Саемот за туризам „IFTM“ во Париз, Франција, кој ќе се одржува од 29-ти септември до 2-ри октомври 2015 година. Саемската промоција на Македонија ќе продолжи на самот за туризам „ТТG Incontri“ кој од 8-ми до 10-ти октомври ќе се одржува во Римини, Италија. Исто така Македонија ќе биде дел и од саемот „World Travel Market“ кој ќе се одржи од 2-ри до 5-ти ноември 2015 година во Лондон, Велика Британија.
Инаку во текот на оваа година, Македонија ги презентираше своите туристички можности на саемите во Утрех, Истанбул, Брисел, Софија, Белград, Берлин, Москва, Гетебург и Келн.
OhridNews