Претставници на сите црковни заедници на македонците во Европа ќе земат учество на годишното Собрание на Европската Епархија што во организација на македонската црковна општина „Свети Наум Охридски“ започна денеска во Виена.
На Собранието на кое присуствува и митрополитот Европски, Пимен, учествуваат претставници на 27 црковни општини на македонците од Англија, Шведска, Данска, Германија, Швајцарија, Австрија, Италија, Словенија и Хрватска.
На Собранието ќе бидат разгледувани активностите и финансиското работење на црковните општини на македонците во Европа и на Европската епархија во 2007 година. Собранието се очекува да донесе одлука за идните правци на делување на црковните општини на македонците во Европа во 2008 година.
„Главната порака која ќе ја испратиме од Собранието до сите македонски верници во Европа е почесто да присуствуваме на редовните богослужби во храмовите на МПЦ, со што ќе придонесеме кон зачувување на традицијата и обичаите на нашиот народ насекаде каде што живее во Европа“, ни изјави Димче Лазовски, претседател на Македонските црковни заедници од Европа на собир во Виена и на Собранието на Европската епархија.
Пред почетокот на годишното собрание на црковните заедници на македонците во Европа, во во Виена, се одржа света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше митрополитот Европски г. Пимен.
Г. Момироски
фото: Петар Трајковски