На интернационалниот натпревар “The intellectuals challenge” кој се одржа од 20 до 23 април оваа година во Кембриџ универзитетот “St. John s College” во Велика Британија, зедоа учество и средношколци од Република Македонија. Девет ученици од Колеџот ”Јахја Кемал” од Струга и двајца од истоименото училиште од Струмица, под менторство на професорот Реџаи Генчели (Recai Genceli) беа дел од овој натпревар. Нашите учесници, поделени во четири тима од по три члена, освоија 18 златни, 6 сребрени и 6 бронзени медаљи и 8 посебни награди (трофеи).
Мотото на натпреварот “Неуспехот- пат до успехот” привлече учесници од 14 до 18 години од разни земји од светот. Генијалниот Ајнштајн во една прилика истакнал: ”Тој што никогаш не згрешил нема направено ништо ново”. Оваа мисла, како главен мотив за многу големи дела, го привлече вниманието на млади од целиот свет. Според организаторот, а во согласност со современите тенденции во образованието, треба да се поттикнува интелектуалната љубопитност и развојот на интердисциплинарните способности кај младите. Маскота на овој меѓународен натпревар е БУФОТ како симбол на интелегенција, која е неопходна за постигнување на врвни резултати во кариерата на секој поединец. Беа организирани натпревари во повеќе области од науката, литература, уметност, бизнис и економија.Вештината на писмено изразување натпреварувачите ја покажаа со пишување есеи на дадена тема, а дарбата за ораторство ја претставивме преку креативна дебата. Тестовите на знаење во тимскиот дел од натпреварот на две екипи од Колеџот “Јахја Кемал” од Струга им донесоа прво место.
Натпреварот“The intellectuals challenge” се одржа за прв пат, а се планира секоја наредна година да се одржува во друга држава. Така младите ќе можат да запознаваат нови предели и да стекнуваат нови пријателства. Пред нив ќе се отвораат нови хоризонти и ќе чекорат кон иднината со верба во своите соништа.
Ова искуство, направи да се радуваме на сопствениот успех, но и на успехот од другите. Направи да стекнеме вештини за тимска работа, но пред се да веруваме во зборовите од Черчил: “ Успехот е чекорење од неуспех до неуспех без да се изгуби ентузијазмот!”
Венеса Бакреска,
ученичка во II година во ”Јахја Кемал” Струга, учесник на натпреварот