Mакедонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот пораз на Европското првенство во Дебрецин, откако вечерва во второто коло од групата А загуби од Црна Гора со 28:24 (17:16).
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа далеку под очекувањата и постојно резултатски заостануваа зад противникот, а во клучните моменти од натпреварот фантастичен беше и црногорскиот голман Небојша Симиќ, кој натпреварот го заврши со 13 одбрани.
Македонскиот состав анемично го почна натпреварот, дозволувајќи му на противникот брзо да поведе со 4:0, а на средината од полувремето и да ја зголеми предноста на 9:4. Играта во одбраната и нападот почна да се стабилизира со влегувањето на Филип Кузмановски и искусниот Филип Миркуловски, што резултираше со постепено топење на водството на Црногорците, кои на полувреме заминаа со гол предност.
Првото израмнување на резултатот дојде во 32 минута, но уследи катастрофално лошо издание на македонските ракометари во вториот дел со безброј технички грешки и нефункционален напад.
Најефикасен во македонските редови беа. Велковски и Кузмановски со по шест голови, додека голманот Митревски запиша девет одбрани.
Завршниот натпревар во рамки на групата А, македонската репрезентација ќе го одигра в понеделник против актуелниот светски првак Данска, која вечерва од 20:30 се среќава со Словенија.
OhridNews