Под водство на селекторот и капитен Кирил Лазаров, македонската машка ракометна репрезентација денеска во Скопје стартуваше со завршните подготовки за настап на Европското првенство, чиј домаќин во јануари ќе биде Унгарија, а „црвено – жолтите“ своите натпревари во групната фаза против Словенија, Црна Гора и Данска ќе ги играат во Дебрецин.

Секогаш велиме немаме доволно време, сега имаме доволно време. Ќе направиме квалитетни подготовки, прво во Маврово, потоа во Скопје. Инсистирав на четири тест-натпревари. Сакаме да победиме и да ги видиме сите играчи со кои располагаме. Секој тренинг и натпревар ни се важни. Помладите тука „купуваат“ минути и ни покажуваат квалитет, а ние ќе одлучиме дали ќе им дадеме повеќе минутажа на големата сцена. Работиме на физичката спремност, мора да бидеме на високо ниво со големи репрезентации и да играме од почетокот до крај, посочи Лазаров на првиот репрезентативен собир.

Според Лазаров, македонските ракометари во Дебрецин ги очекуваат тешка група со квалитетни репрезентации.

Веруваме во убави работи, но од друга страна стоиме цврсто на земја и знаеме што не очекува. Доаѓа тешка група во која е Словенија, не треба да трошам зборови за неа и за индивидуалните способности. Данска, која е олимписки, светски, европски првак. После онаа победа наша во Скопје, сигурно дека ќе не сфатат посериозно. Многу тешко ќе биде да се повтори таков успех. Црна Гора е селекција за почит, со еден селектор Рогановиќ, поранешен десен бек, тренер на кој му веруваат. Играат со срце и желба за државата. Треба да бидеме претпазливи. Ништо не треба да не изненади, наше е да работиме квалитетно., изјави Лазаров.

На местото на Никола Маркоски, кој е повреден, селекторот дополнително го повика 18-годишниот ракометар на Алкалоид, Марко Стојковиќ.

 

OhridNews