Иако делува нереално, сепак постојат теоретски шанси Македонија да игра во четвртфиналето на Мундијалот. Но за тоа да се случи треба да се исполнат три услови – најважниот секако Македонија да приреди сензација против фаворитот Франција.

Французите се безбедни на првото место со осум бода и сигурни четвртфиналисти, па дуелот со Македонија нема да им биде важен.

Вториот услов што треба да биде исполнет е Унгарија да загуби од последнопласираниот Катар, кој не може да напредува, или пак да одиграат реми. Унгарија (122:122) и Македонија (127:127) имаат гол разлика 0.

Третиот услов е Австрија да ја победи Холандија со било која разлика, или пак овој натпревар да заврши реми.

Во тој случај Франција би била прва со осум бодови, Македонија би имала шест на второто место, Унгарија би останала на пет на третото место, а Австрија би завршила на четвртото место со пет бодови.

Македонија би можела и со реми со Франција да биде втора, но тогаш мора да загубат Унгарија и Холандија, па ќе решава гол-разликата меѓу сите селекции што ќе имаат по пет бода.

Во пладневниот термин од 15:30 часот ќе играат Холандија и Австрија, потоа од 18:00 часот ќе се соочат Унгарија и Катар, додека Македонија и Франција играат последни од 20:30 часот, па многу ќе се знае дали Македонија ќе може да се надева на место во ТОП 8.

OhridNews

извор. МРР