Навивачите на македонската фудбалска репрезентација ќе можат да ги следат настапите на нивните миленици на Европското првенство во Букурешт доколку покрај обезбеден билет, имаат и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа при влезот во Романија, или пак имаат потврда за примени две дози на вакцини против Ковид 19.

Престојот во Романија нема да биде ограничен на три дена, бидејќи претходната одлука да мора да се напушти државата по 72 часа од влезот веќе не важи. Билетите за натпреварите на „црвено-жолтите“ се пуштени во продажба и можат да се набават преку веб-страницата на УЕФА.

Капацитетот на стадионот во Букурешт ќе биде ограничен од една четвртина до една третина и не се знае колкав број билети ќе бидат на располагање на македонските државјани.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски во Букурешт ќе играат со Австрија на 13 јуни и Украина на 17 јуни, додека на 21 јуни во Амстердам ќе се сретнат со холандскиот национален тим.

OhridNews