Македонските медиуми во следниот период ќе имаат можност да аплицираат за средства од проектот „Медиа“, кој е интегрален дел од Програмата на ЕУ „Креативна Европа“ за периодот од 2014 до 2020 година, а за која се наменети 56 отсто, односно 800 милиони евра на европско ниво.
„Медиа“ досега не беше отворена за македонските медиуми поради неусогласенот на домашната со европската легислатива, а конкретна пречка беше членот за саморегулација на медиумите кој постоеше во почетните верзии на законите (Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги и Законот за медиуми), но беше повлечен од Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерот за информатично општество, Иво Ивановски вчера изјави дека претставниците на Европската комисија направиле анализа по која оцениле дека според нивните критериуми саморегулацијата на медиумите во Македонија функционира одлично. Според Ивановски, тоа се должи на Саморегулаторното тело креирано од македонските медиуми.
„Сите медиуми во Република Македонија сега ќе имаат можност да аплицираат за финансиските средства на Европската унија и со тоа да креираат аудиовизуелни дела коишто ќе бидат поквалитетни, и во содржина и во начинот на нивната обработка, и со тоа да се освојуваат други пазари, односно да се креираат содржини кои ќе може да се продаваат надвор од територијата на Македонија. Значајно е и тоа што потпрограмата „Медиа“ отвора простор за креирање видеоигри. Пазарот на видеоигри е еден од најголемите во информатичкиот сектор, имаме средни и мали претпријатија во Македонија кои веќе активно се занимаваат со креирање на видеоигри. За нив сега се отворени овие фондови од ЕУ“, рече Ивановски и апелираше до вработените во аудивизуелниот сектор да ги искористуваат средствата кои се на располагање.
Македонија пред точно една година со Европската Унија го потпиша Договорот за учество на нашата земја во „Креативна Европа”, програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори за периодот од 2014-2020. Таа е продолжение од претходната програма, Култура 2007-2013, која во Македонија беше успешно имплементирана – за шест години беа поддржани 58 проекти, а корисниците од издавачкиот сектор во земјата реализираа повеќе од два милиона евра.
OhridNews