На свеченоста по повод испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ присуствуваа претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Зоран Коњановски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, други високи воени лица, претставници на локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Во седмата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 149 припадници на 2. мпбр кои заедно со националниот претставник и тројцата штабни офицери ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Искусните „Леопарди“ во наредните шест месеци ќе дејствуваат во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство. Македонските мировници во Кабул ќе извршуваат и сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата.
За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.
Фото: Васко Бујароски