На пласман меѓу првите десет места се надеваат девојките од македонската ракометна репрезентација на светското јуниорско првенство, што почнува понеделник во Охрид. Младите ракометарки, кои се со просечна возраст од  20 години, од Охрид порачаа дека со голема храброст почнувајќи од првиот натпревар во понеделник со  Австралија во салата „Билјанини Извори“ , на теренот ќе покажат што научиле и ќе сторат се’ за да се изборат за добар пласман на Мундијалот.


Работевме напорно и дисциплинирано и мислам дека девојките иако се за неколку години помлади од возраста што е потребна за настап на првенството, нема да разочараат и дека  со една заедничка волја ќе направиме се да го осветлиме образот на Македонија и да направиме добар резултат– изјави во Охрид селекторот  на репрезентацијата Крсто Петрушески.

Се надевам дека ќе успееме да бидеме една од првите десет екипи во светот, што би бил огромен успех за нас. Единствено што треба е да покажеме дека играме со срце за нашата држава и дека треба да го одбраниме знамето што го носиме на нашите дресови– изјави Кристина Илиоска- заменик капитен на ракометната репрезентација, која последните подготовки пред почетокот на мундијалот ги прави во Охрид.


Ветуваат голема борба-репрезентативките на Македонија

   
На светското првенство во ракомет за јуниорки, ќе учествуваат екипи од 20 држави, кои ќе играат во 4 групи. Македонија е во група со Австралија, Кореа, Бразил и Хрватска. Покрај Охрид, првенството ќе се игра и во Скопје, Виница и Гевгелија. Полуфиналните натпревари и финалето се на втори и трети август во  салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Охрид во декември ќе биде домаќин и на Европското сениорско првенство во ракомет за жени, а жребувањето на групите е во недела на охридскиот Антички театар. 

Ohridnews