Иако интернет корисниците во Македонија во голема мерка ги користат услугите на познатите интернет пребарувачи, голем дел од нив се уште не стекнале навика да се служат со некој од македонските интернет пребарувачи, пренесува „Макфакс“.

Ова се наведува во истражувањето на специјализираната интерен маркетинг агенција НењМедиаМк за навиките и употреба на интернет пребарувачи во Македонија.

Податоците покажуваат дека користењето на интернет пребарувачи е неодминлива дневна активност на македонските интернет корисници.

Дури 96 отсто од испитаниците се изјасниле дека барем еднаш користат интернет пребарувач, а 78 отсто се изјасниле дека пребарувач користат повеќе од четири пати дневно.

Најдоминантен пребарувач кај македонските корисници на интернет очекувано е Гугл, се наведува во истражувањето.
И покрај волку висок процент на користење на интернет пребарувачи, дури три четвртини од испитаниците одговориле дека ретко или воопшто не се служат со македонски пребарувач.

Од оние што ги користат услугите на домашните пребарувачи, најекспониран е пребарувачот Најди, а во последно време во подем е и пребарувачот Борг.

Повеќе од половината од испитаниците  одговориле дека преку мобилен ги користат услугите на интернет пребарувачите, што најдобро ја рефлектира растечката употреба воопшто на интернет преку мобилен телефон.
Притоа е забележливо дека македонските жени многу помалку користат интернет преку мобилен телефон, за разлика од мажите. 
 
Најголем број од корисниците на интерен во Македонија се вработени лица 48,9 отсто од испитаниците и студенти 36,3 отсто.

Интересен е податокот што најголем број анкетираните рекле дека интернет користат повеќе од осум часа на ден, односно 26,5 отсто  од нив, помеѓу 4-6 часа користат 23,8 отсто, а помеѓу 2-4 часа користат 22,3 отсто.
Организаторите на анкетата најавија дека овој податок наскоро би можел да биде предмет на дополнително истражување.

Во анкетата за употреба на интернет пребарувачи во Македонија учествувале 840 корисници на интернет.

OhridNews
извор: „Макфакс“