Македонската фудбалска репрезентација денеска на гостински терен против Италија ќе го одигра претпоследниот натпревар во групата Ц во квалификациите за пласман на ЕУРО 2024.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски со поразот од Украина (0-2) минатиот месец во Прага ги загубија шансите втор пат едноподруго да играат на континенталниот собир, но и покрај тоа нема да им недостасуваат мотиви за позитивен резултат во дуелот против актуелниот европски првак вечерва од 20:45 часот на Олимпискиот стадион во Рим.
Не сме дојдени како туристи, туку да извлечеме што е можно повеќе. Секој натпревар е посебна приказна за себе. И овој што не очекува е посебен. Сам по себе носи убавина, но и тежина. Ние сме туку да го дадеме најдоброто од нас. Немаме резултатски императив, но секогаш кога настапувате за својата држава мора да дадете се од себе. Ривалот ни е од топ 3 во светот, ама ние покажавме дека со нив можеме да се носиме, изјави селекторот Милевски на вчерашната официјална прес-конференција.
Македонските фудбалери во првиот дуел против италијанската репрезентација во овој квалификациски циклус одиграа нерешено 1-1 во септември во Скопје, а последниот пат кога гостуваа во Италија дојдоа до сензационалната победа (1-0) во март лани во Палермо во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2022.
Со седум бодови од шест натпревари македонската репрезентација е четвртопласирана во групата Ц пред двата завршни дуели, вечерва против Италија и в понеделник во Скопје против лидерот во групата Англија, од која на гостувањето во Лондон во јуни претрпеа пораз од 0-7.
OhridNews