Собирот на македонската фудбалска репрезентација во пресрет на бараж-дуелот со Италија, е закажан за вечер во 20 часот во хотел „Хилтон“ во Скопје. Првиот тренинг ќе се одржи утре во 17 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Поради повреда, Адис Јаховиќ нема да може да се стави на располагање на селекторот Благоја Милевски. Фудбалерот на Гезтепе почуствувал болка во тетивата на вчерашниот првенствен натпревар од турското првенство. Лекарските прегледи потврдија дека Јаховиќ не е во можност да му помогне на репрезентативниот тим за претстојните мечеви. Милевски веднаш прати повик до Ердон Даци. Поранешниот младински репрезентативец, прв пат добива можност за настап во А репрезентацијата на Македонија. Фудбалерот на белгиски Вестерло е прв стрелец на својот клуб, стандарден првотимец на натпреварите за Вестерло, екипа која е лидер во втората лига и најсериозен кандидат за влез во најдобрата белгиска конкуренција, објави ФФМ.
Македонската репрезентација против Италија ќе игра на 24 март во Палермо. Во случај на победа, „црвено-жолтите“ на 29 март во финалето од плејофот за пласман на Светското првенство 2022, ќе се сретнат со поуспешниот од мечот Португалија – Турција.
OhridNews