Македонската фудбалска репрезентација испушти голема шанса со победа да се врати од вечерашното гостување во Исланд, дозволувајќи им на домаќините со два гола во завршните 12 минути да се изборат за нерешен резултат од 2:2 во квалификациите за пласман на Мундијалот 2022 во Катар.
Македонскиот состав, кој доминираше цели 70. минути во Рејкјавик, дојде во водство во 12 минута преку Дарко Велковски, а асистентот при водечкиот гол Езѓан Алиоски зголеми на 2-0 во 54 минута.
Исланд преку Кари Арнасон во 64 минута постигна гол, кој беше поништен поради офсајд, но офанзивата на домаќините, сепак, вроди со плод шест минути подоцна кога Инги Бјарнасон ја преполови предноста на македонскиот состав.
Исланд целосно се врати резултатски во игра во 84 минута со голот на Андри Гудјонсен, внесувајќи го натпреварот во неизвесна завршница, во која македонскиот состав само две минути претходно пропушти колосална шанса да го „заклучи“ натпреварот, откако резервистот Александар Трајковски ја погоди стативата во 82 минута.
Шансите пред голот на Исланд се редеа и во судиското продолжение, но ударот со глава на Дарко Чурлинов беше блокиран на самата гол линија, а веќе во следниот напад Адис Јаховиќ за малку биеше непрецизно.
Со ремито во Рејкјавик, македонската репрезентација ги намали шансите за пласман на Мундијалот идната година и со осум бодови е третопласирана во групата Ј.
Септемврискиот циклус квалификации за пласман на Светското првенство избраниците на Благоја Милевски ќе го заокружат в среда против Романија на домашен терен.
OhridNews
Фото: ФФМ