Интернационалната туристичка берза ИТБ Берлин од денес ги отвора вратите за илјадници туристички посетители од целиот свет.

Ова е шанса и за македонскиот туристички сектор да покаже како ја движи индустријата, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), додавајќи дека заедно со десет коегзибитори до 9ти март на репрезентативен изложбен простор ќе ги промовираат македонските дестинации и туристички продукти, кои не прават диверзивни и атрактивни.

Фокусот на ИТБ Берлин оваа година е на социјалната и еколошката одржливост. Учесниците и посетителите ќе имаат можност да слушнат инспиративни приказни кои покажуват како дестинациите ширум светот се обидуваат да го направат туризмот поотпорен и одржлив, со тоа што ќе дадат позитивен придонес за локалната заедница и животната средина, велат од АППТ.

Со својата единствена разновидност и учество на 180 земји и региони, додаваат од АППТ, ИТБ Берлин го покрива целиот синџир на туристички понуди, со додадена вредност.

ИТБ Берлин е поделен на посебни сегменти кои ги рефлектираат најважните актуелни теми, што го олеснува пронаоѓањето на патот околу широката палета на производи и услуги на саемот, потенцираат од АППТ.

Инаку, повеќе од 50 години ИТБ Берлин во март го собира светот на меѓународниот туризам, на најголемиот саем за патувања, иновации, знаење, лидери и инспирација за поместување на туристичките граници.