Македонските алпинисти упатија апел до граѓаните да се солидаризираат со народот на Непал, каде деновиве се случи катастрофален земјотрес кој однесе илјадници животи.

-Апелирам кој колку што може да донира средства за помош на Непал. Тоа би било наш мал придонес за загубите кои никако не може да се надоместат, но ете само да ја покажеме нашата емпатија.– вели Илина Арсова, првата Македонка која се искачи на Монт Еверест.


Илина Арсова

Катарстофалниот земјотрес во Непал предизвика лавина на Хималаите во која смртно настрадаа голем број планинари, алпинисти и шерпаси. Арсова вели дека секојдневно планинарите и алпинистите на Хималаите се изложени на опасности, но изминатите две години беа катастрофални.

– Минатата година животот го загубија 13 шерпаси, а оваа година се случи многу поголема несреќа и само можам да изразам сочувство до семејствата на загинатите и во Катманду и горе на планината. Секогаш има некое чувство на неизвеснот на Хималаи, вие се изложувате на ризик, тоа никој не може да го знае, но овојпат несреќата беше предизвикана од голем земјотрес и се случи тоа што се случи.-рече Арсова.

Хималаите станаа туристичка дестинација, Планината испраќа порака

Според Арсова големиот број несреќи изминатите две години, на некој начин се и порака од планината, поради се поголемата масовност на експедициите за искачување на Хималаите.

– Јас можеби ја фатив последната сезона каде што сето тоа беше во некои нормални рамки, од број на посетеност до начин на логистика и спроведување на тие експедиции. Да таа е популарна планина и популарна дестинација како највисока на светот. За непалците, но не само за нив, туку и за светските агенции тоа прерасна во еден голем бизнис и сега има луѓе коишто можат да си дозволат една таква авантура и покрај тоа што физички и искуствено не се подготвени за едно такво патешествие за искачување на највисоката планина на светот.-вели Арсова.

Таа посочува дека уплата на аранжман за Хималаи во најскапата агенција во светот не гарантира искачување на врвот на светот.

– Дури и покрај сите олеснителни околности коишто една агенција може да ви ги овозможи од додатен киослород, до повеќе помошници – шерпаси кои ќе ви помогнат со товарот, со целата ваша опрема, поголеми удобства во самиот камп, поудобен шатор, кревет, дури и готвач, сепак тоа не гарантира дека ќе се искачите на врвот, на крајот мора вие сам нога пред нога да се качите или да не се качите, никој нема со јаже да ве влече или ушка да ве искачи горе. Се нудат многу олеснителни околности и се зголемуваат апетитите, секој сака да стапне таму, бидејќи тоа е возвишено чувство да се искачите на врвот на светот и оттаму да погледнете на целите Хималаи. Нека биде тоа и едно предупредување дека навистина треба долго време и искуство за да може човек воопшто да се осмели да оди на една таква експедиција.-додава Арсова.

Г.Момироски