Деновиве во Охрид престојува Клемент Ричард, меѓународен инструктор по алпинизам и претседател на Словенечкото здружение за алпинистички водачи. Целта на неговиот престој е да изврши презентација на методите за обука на водачи на високи планини од редот на алпинистите , по што ќе може да започне пристапниот процес за членство на македонските алпинисти во меѓународната асоцијација која ги дефинира правилата за високопланинскиот туризам.

Со лиценците кои би ги добиле на крај од обуката би можеле да работиме како професионални водичи, односно да се занимаваме со една професија која за жал кај нас сеуште е непозната, а е признаена и доходовна насекаде во светот, вели Антонио Додевски од македонското Здружение на алпинисти.


Клемент Ричард објаснува дека интересот во Европа за алппинизам е навистина голем. Постојано има групи туристи кои се јавуваат и ги ангажираат професионалните водичи, преку агенции кои се занимаваат исклучиво со овој вид туризам. Групата пред да започне со искачувањето мора претходно да се подготви во текот на неколку дена за да ги научи основните правила за искачување по високите планини.  

–    Алпинизмот е прекрасна, но опасна професија, токму поради тоа, треба да се има обука и добри познавања од оваа област. Водење на планина без искуство е невозможно. Треба да се биде сигурен сам во себе, психички и физички витален. Ние  многу пати сме во опасност. Некогаш времето не е добро, некогаш условите не се погодни. Одлуките кои ние ги донесуваме навистина  мора да бидат вистински.Ние сме одговорни за групата што ја водиме на планина, вели Ричард.

Обуката на македонските алпинисти би траела најмалку пет години, под менторство на искусните меѓународни лиценцирани водачи- алпинисти, по што би се создале услови во Македонија да се формира здружение  на водачи, кои потоа би издавале лиценци и вршеле обука на следни генерации.

OhridNews