Охридска банка Сосиете Женерал и младата виолинистка Ева Богоевска ја најавија заедничката соработка со потпишување на партнерски договор во дирекцијата на Охридска банка Сосиете Женерал во Скопје.
Следејќи ја глобалната стратегија за спонзорства на Сосиете Женерал Групацијата за промоција, унапредување и поддршка на музиката преку Асоцијацијата за музичко меценство на Сосиете Женерал (Association Mécénat Musical Société Générale), Охридска банка Сосиете Женерал ќе биде верен поддржувач, промотор и партнер на Ева во претстојните предизвици во нејзината кариера.
„Поддршката на музиката најнапред подразбира поддршка на младите музичари. Талентите на денешницата, се предодредени да станат еминентни и препознатливи носители на музичката култура во иднината. Дел од нашите активности од аспект на промоција на општествено одговорни иницијативи е и поддршката на млади и амбициозни македонски потенцијали, а особено ни е мило што ја имаме можноста да имаме барем мал удел во исполнувањето на сонот на исклучително талентираната Ева. Во ова партнерство влегуваме со тенденција, покрај промовирањето на компанијата како општествено одговорна компанија, да ѝ ја обезбедиме на Ева сета наша поддршка и познавање на светот на музиката на ниво на групацијата Сосиете Женерал, бидејќи токму тоа е она што вистинскиот партнер би го направил“, изјави при средбата Стефан Туати, член на Управниот одбор на Охридска банка Сосиете Женерал и директор на Сектор банкарство за население и маркетинг.
Првиот во низата настапи на Ева е претстојниот настап во „Карнеги хол“ во Њујорк во април годинава, што е награда за нејзиното искачување на првото место на пиедесталот на фестивалот „Rondo Young Artist“ во конкуренција на повеќе од 200 кандидати од целиот свет во категоријата виолина.
OhridNews