Македонскиот јазик пред извесно време исчезна од личната карта на земјава во регистарот на Обединетите нации. Во графата каде што стоеше Macedonian, сега нема ништо, објави весникот „Дневник“.


До скоро јасно пишуваше дека јазикот е македонски, краткото и официјалното име на државата е „поранешна југословенска Република Македонија“ а државјанството е „на поранешната југословенска Република Македонија“. Кодот на државата е МК, а ознаката за валутата МКД. Личната карта на Македонија е пополнета на шесте официјални јазици во ОН, англиски, француски, шпански, руски, кинески и арапски уште во 1993 година, со приемот на Македонија во ОН.

Министерството за надворешни работи дури вчера разбрало што се случило во регистарот на ОН. Иако не се знае точно кога е направена измената, македонската мисија во седиштето на ОН во Њујорк, како што велат од МНР, забележала дури завчеравечер дека личната карта не е иста.

МНР најави реакција до ОН.

– Во тек сме со случајот и се подготвува соодветна реакција преку амбасадорот на Македонија во ОН, Слободан Ташевски, и барање да се врати старата формулација – ни изјави вчера портпаролот на МНР, Борче Стамов.

Македонски дипломати се сомневаат дека ваквата измена е „масло“ на грчки дипломати, кои се јавиле во Одделението за Генерално собрание и менаџирање на конференции и дека побарале промена, бидејќи „имало грешка“. Според истите извори, ова не било првпат да се направи измена во регистарот, но проблемот е во тоа што нашите дипломати многу доцна или воопшто не реагираат. Вчера не успеавме да добиеме одговор од ОН, како и кога се случила ваквата промена. Но, случајно или не, оваа промена се совпаѓа со бришењето на македонскиот јазик и во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, што предизвика бурни реакции во земјава.

Домашни експерти велат дека не сакаат да веруваат оти станува збор за координирана активност, но посочуваат дека ништо не е случај во ОН и дека веројатно се прави во согласност со „домаќините“. Според нив, Грците имаат свои луѓе во администрацијата на ОН и иако работат за светската организација, тие се во служба и на својата држава.

– Во меѓународната заедница е созреано сфаќањето дека нашата политика со антиквизацијата премногу забега во „грчка територија“ историски, и тоа им дава за право да го поставуваат прашањето за идентитетот и да не’ удираат по прсти – велат нашите соговорници.

ДНЕВНИК