На повидок е невообичаен фудбалски спектакл во организација на македонскиот третолигаш Црнобуки ЗЛ. Имено, клубот објави дека на 27 јули од 17:00 часот на стадионот во битолското село ќе се одигра меморијален ревијален фудбалски натпревар на ветераните на Црнобуки ЗЛ и група нивни пријатели (познати македонски фудбалери и спортисти) против ветераните на Партизан.
Целта е настанот да биде традиционален меморијален натпревар во чест на Трајан Кочишки – Куља, еден од основоположниците на клубот. Црнобуки ЗЛ, екипа чиј тренер е Наум Љамчевски, е еден од кандидатите за промоција во ВМФЛ и не крие дека од наесен ќе го нападне врвот на Третата лига. Формиран е организационен одбор во кој активно учество зедоа градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, јавни и државни претпријатија, невладини организации како и повозрасни навивачи на ФК Партизан.
Предвидено е ветераните на Партизан да пристигнат во Битола на 27 јули и да одиграат ревија во чест на еден нивни голем навивач. Имињата на двата ревијални тима ќе бидат дополнително објавени, а најавите се дека во двата тиме ќе играат поранешни репрезентативци и познати спортски ѕвезди.
OhridNews