Сечата на шума веднаш до речното корито на местото викано Мала Река/Равен, во центар на село Речица, охридско, на што деновиве реагираше Месната заедница од истото село, се одвива плански и во согласност со законите, уверува Јавното претпријатие Национални шуми, ПСШ „Галичица“ Охрид.

Актуелната локација за која се пишува во медиумите се наоѓа во оддел 59, шумски сектор Буково, предвиден за сеча со посебен план (Решение бр. 09-2014/5 од 24.07.2014 година). Врз основа на тој план ПШС „Галичица“ Охрид, изготви годишен изведбен план бр. 09-366/1 од 23.02.2017 година и истиот го достави до шумарскиот и ловен инспекторат. По доставениот план добиен е Записник за извршен теренски увид и надзор од страна на шумарскиот инспекторат, при што одобрена е сеча на дрвна маса. – информира ЈП Македонски шуми, ПСШ „Галичица“ Охрид.

Од јавното претпријатие велат дека сечата во наведениот дел, на што со загриженост реагира месното население, се извршува постепено од 2017 година до денес, така што не постои опасност од еколошка катастрофа, на што предупредуваат екологистите и мештаните.

Не станува збор за сеча во значителни размери, и посебно се посветува внимание да не дојде до ерозија во сливот на Мала Река. Одговорно тврдиме дека сите мерки и активности, ПСШ „Галичица“ Охрид, коиги извршува во шумите  се во согласнот со посебниот план за стопанисување, каде е предвидено кои делови ќе се сечат, во кои делови ќе се вршат одгледувачки мерки (пошумување, прореди, чистење), што значи дека во тој план е опфатена целокупната активност што треба да се изврши во шума. ПСШ „Галичица“ Охрид за секој проблем кој ќе настане го решава со интензивни контакти со локалното население, за што и во овој случај сме подготвени да разговараме со секоја засегната страна. – истакнуваат од ПСШ „Галичица“ Охрид.

Како што веќе информиравме, Месната заедница бара од с. Речица, бара од надлежните веднаш да се прекине сечата на дрва во село Речица, бидејќи, според локалното население, постои опасност од уништување на реката и животната средина.

Ние во село Речица имаме веќе недостаток на вода, а со оваа сеча овој проблем ќе се продлабочи дополнително. Ако има тендер зошто не е земено предвид дека локацијата е ерозивна, и тие дрва се заштита на водата и природата. – стои во дописот на претседателот на МЗ од с. Речица, Елена Аврамоска, кој деновиве беше испратен до надлежните институции.

Г.М.

Кој и со чија дозвола врши сеча на дрва во село Речица кај Мала Река?