На претстојните предвремени парламентарни избори во трка ќе влезе нова политичка опција која најавува формирање на таканаречени Македонски независни листи, зад кои стои иницијативен одбор кој има изготвено и акционен план насловен како Ера Трета. Деновиве ќе започне собирањето на потребните потписи за учество во изборната трка како релевантен политички фактор, како и промоција на платформата на движењето и независните листи, кои до сега имаат поддршка од Бојкотирам, Мир, Координативното тело на Македонците во Европа, Координативното тело на Македонците во светот и Беломорска партија, информираат иницијаторите.

 

Идејата која ги обединува овие граѓани од земјава и голем дел од нашите иселеници, кои себе пред се’ се нарекуваат родољуби, е стабилна, перспективна Македонија, респектирана во регионот и Европа. Програмата на Ера Трета и целите на истата се во тесна врска со македонските национални интереси, и содржат реални проекти и решенија. – велат иницијаторите.

Потенцијалните кандидати на Македонски независни листи, се граѓани кои се докажани и етаблирани во политичкиот, бизнис и општествениот сектор во земјата, информираат од новото политичко движење. Оттаму најавуваат дека наскоро ќе следи и официјална промоција на акциониот план Ера Трета и Македонски независни листи во Охрид и другите градови во земјата.

OhridNews