Македонскиот државјанин Ѓерѓи Ѓин (36) е еден од шестемина мажи, членови на поголема криминална банда, кои облечени во бурки, лани ограбиле луксузна продавница за часовници „ Ролекс“ во Бахреин, од каде што си заминале со плен од 1.4 милион долари, пишува „ Дневник“.
Шестемина балкански крадци, освен што биле облечени како Арапки, носеле и детска количка за да не изгледаат сомнително кога ќе го изнесуваат пленот од продавницата за луксузни часовници. Инаку тие го извршиле грабежот кратко време откако продавницата затворила. Крадците го нападнале чуварот и го онеспособиле и за кратко време ги собрале вредните часовници и побегнале.
Иако главните актери за овој милионски грабеж не се уапсени, се очекува судот во Бахреин во наредната недела да ја донесе пресудата против обвинетите во нивно отсуство. Со ова властите во Бахреин очекуваат да ја забрзат постапката за нивно пронаоѓање и за нивна екстрадиција.
По грабежот, полицијата врз основа на видеоснимките од безбедносните камери во трговскиот центар во Бахреин, ги идентификувале осомничените. Потерници беа издадени по Алију Рахман (30) од Србија, Франи Петрит (32) и Дедај Астрит (23) од Албанија, Екрем Гаши (35) и Абази Гентијан (24) од Косово и Ѓерѓи Ѓин (36) од Македонија. Само два часа по грабежот тие го напуштиле Бахреин, а локалната полицијата уапсила Американец и Турчин, кои наводно им помогнале логистички да ги скријат и изнесат украдените часовници надвор од земјата. Подоцна некои од украдените луксузни часовници биле пронајдени.
Бахреин сега отворено бара помош од државите од каде што потекнуваат крадците да ги пронајдат и да ги екстрадираат.
Во меѓувреме бил уапсен и е еден од Косовците, но тој не бил екстрадиран иако во тек е судската постапка. Во меѓувреме потерницата по македонскиот државјанин Ѓин е објавена и на Интерпол. Сепак, освен неговата возраст и неговиот лик и земјата од каде што потекнува, нема други податоци за него.
OhridNews
извор Дневник