Со доделување на сертификати за членство и медалји, денес, во хотел „Тино“ во Охрид беше официјализиран почетокот со работа на македонскиот огранок на една од најголемите светски асоцијации на шефови на кујна World Association of Master Chefs.

Во моментов македонското здружение брои 35 готвачи, а се предвидува дека нивниот број до крајот на годината ќе порасне до 100.

  • Наша цел е да се подигне свеста кај гастрономите, готвачите, угостителите и да се понуди нешто ново. Јас не ја критикувам традиционалната македонска храна, но таа секогаш може да биде презентирана на еден поинаков и поубав начин. Имаме голем број млади членови во здружението, сакаме тие да се удуцираат и да им дадеме мотивација, бидејќи тие се иднината на македонската гастро сцена. Се надевам дека ќе успееме да ги задржиме. Тоа се долги процеси, но може да се подобри состојбата. Може да успееме само заедно, како поединци ништо не можеме да направиме, вели претседателот на македонското здружение Бобан Билбиловски, готвач во познатиот скопски ресторан „Томче Софка“.

Меѓу членовите на новиот огранок на ова светско гастрономско здружение се и четворица готвачи од познати охридски угостителски објекти: Наташа Маркулеска од хотел „Тино“, Весна Ническа од ресторан „Белведере“, Александар Богоевски хотел „Су“ и Димитар Арнаудовски од хотел „Гарден“.

  • Очекуваме меѓусебна соработка, размена на искуства со колеги од други земји, со цел да ги надополниме нашите мениа, но и да пренесеме наши знаења. Традиционалните рецепти да се задржат и модернизираат, изјави шефот на кујна во хотел „Гарден“, Димитар Арнаудовски.

Наскоро се очекува да биде отворена канцеларијата на здружението чие седиште ќе биде во Скопје, по што се најавуваат бројни активности, дружења и натпревари.

Т. Кувенџиска/Mх. Постоловски