Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги започна подготовките за октомвриските квалификациски натпревари за пласман на Европско првенство 2023. „Црвено-жолтите“ 7 октомври играат против Фарски Острови во Клаксвик, а четири дена подоцна гостуваат во Ереван против Ерменија.
Голманот Давид Денковски, кој беше еден од најдобрите поединци на последниот квалификациски дуел против Србија, очекува две победи.
Ни претстојат две тешки гостувања против Фарски Острови и Ерменија. Ќе дадеме се од себе за да ја оствариме зацртаната цел, а тоа е освојување на максимални шест бода од двата натпревари. Против Франција и Србија очекувавме повеќе, посебно на резултатски план, но освоивме само еден бод. Се надевам дека сега нема да ги повториме грешките од претходните средби и ќе ги оствариме првите две победи во квалификацискиот циклус. Имаме одличен тимски дух, сите сме подготвени да дадеме се од себе за дресот на Македонија, изјави Деновски за веб-страницата на ФФМ.
Во првите две кола, македонскиот национален тим загуби на гости од фаворитот Франција со 3:0 и одигра нерешено без голови против Србија на домашен терен.
OhridNews