Во организација на одделението Културно контактна точка (ККТ) при Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со експерти од ККТ на Република Чешка и Литванија, денеска во Охрид се одржа информативна сесија за реализиција на програмата “Култура 2007 – 2013” на Европската Унија. Културните работници од Охрид и Струга имаа прилика да се запознаат со начините како полесно, преку креативни мултилатерални проекти, да стигнат до парите од оваа програма, но и поактивно да се вклучат во целиот процес.


Институциите мора да сфатат дека европските фондови се иднина за нашата земја и треба што побрзо да научат како функционираат и како се користат тие фондови, бидејќи тоа е иднината на современото живеење во културата,  истакнаа учесниците на сесијата.

-Јавни или приватни организации од областа на културата, националните, локалните установи, невладиниот сектор и општините можат да аплицираат за програмата која нуди можност преку работилници технички да им помогнеме во пополнување на апликациите, што за нив претставува голем проблем, вели Билјана Прентоска од ККТ на Македонија.

Прентоска истакна дека заинтересираните субјекти може да побараат логистичка поддршка од ККТ, со цел успешна реализација на проектите од областа на културата.


На работилницата беше претставено чешкото и литванскто искуство во реалиција на програмата “Култура 2007-2013 на ЕУ”. По завршување на овој проект ќе отпочне реализација на програмата „Креативна Европа“ од 2014 до 2020 година.

Досега за 5 години од оваа програма одобрени се 35 македонски проекти, а се очекуваат резултатите од литературните преводи по апликација на издавачките куќи. Од фестивалските проекти подршка има  само Скопје џез фестивал како и  невладината Мултумедија од Скопје, а останатите се краткорочни проекти за соработка.

OhridNews