Македонската кошаркарска репрезентација со натпревар против силната Литванија на 17 август наредната година ќе го одбележи јубилејот од 20 години по првиот меч на репрезентација на Македонија.

Првиот натпревар Македонија го одигра во далечната 1993 година против селекцијата на Естонија. Капитен на таа репрезентација која е запишана во аналите на кошарката во Македонија беше Јорданчо Давитков.

Не случаен е изборот на КФМ да се прослави со селекцијата на Литванија. Ѕвездените моменти македонската кошаркарска репрезентација ги доживеа на Европското првенство во Литванија кога со победа над домаќинот кошаркарите обезбедија пласман во најдобрите четири селекции на стариот континент.

Тогашниот натпревар со Литванија ќе биде една од последните подготовки на Македонија пред Евробаскетот во Словенија 2013 година.

Мх.П.