Охриѓанецот Златко Кескоски ја предводеше македонската кендо репрезентација до бронезениот медал по блескавиот триумф над домаќинот Грција во Волос.

Македонија, која е членка на европската Кендо-федерација од лани, уверливо славеше против искусните грчки репрезентативци во меч за бронзата на Балканското првенство, што се одржа викендов. Грција повеќе од 15 години партиципира во европското друштво, но македонското срце и желба за победа ги надмина сите пречки што домаќинот смислено им ги постави.

Патешествијата на македонската експедиција што настапи на првенство во Грција во традиционалната јапонска борачка вештина со мечеви – кендо, започнале уште на границата.

Грчките цариници не’ претресоа до гола кожа. Комплетно ни ја превртеа гардеробата и спортската опрема, барајќи обележја на нашата земја. Беа подготвени, но не најдоа ништо и по неколкучасовно малтретирање не’ пуштија да заминеме за Волос – раскажува Златко Кесковски, мајсторот за борачки вештини од Далечниот Исток и член на кендо-репрезентацијата на Македонија.

Со него во бронзениот македонски состав беа и Андреј Атанасовски, Менсур Бојда, Никола Балески и Матеј Јошевски.

Теророт на домаќините кон нашите репрезентативци, предводен од локалните власти на Волос, стасал дотаму што припадници на државната безбедност на Грција го следеле петочниот тренинг на „црвено-жолтите“.

Не им беше по волја, бидејќи ние сме примени во европската федерација како Република Македонија. Се закануваа дека ќе не’ елиминираат, а ние возвративме дека ќе ги тужиме. Видоа дека немаат есап за инает, па не’ оставија – вели Кесковски. Македонија настапи под уставното име и со ознаката МКД. Спорот околу името го одложи почетокот на првенството за околу 2,5 часа.

извор Дневник