Поефикасна размена на искуства, изнаоѓање заеднички поефективни механизми за справување со актуелните миграциони текови и зголемена соработка во областа на организираниот криминал и исламскиот екстремизам, беа централните теми на разговори на билатералната средба на експертско ниво меѓу директорите на македонската и албанската полиција, што денес се одржа во Охрид.
-Билатералната соработка помеѓу полициските служби на Република Македонија и Република Албанија се одвива согласно правната регулатива и протоколот за соработка, низ практична имплементација на применетите форми на прекугранична и оперативна полициска соработка. Бирото за јавна безбедност и сите државни институции во Република Македонија се подготвени за соработка во изнаоѓање на соодветни решенија, преку размена на искуства, навремена размена на информации посебно за лица помагачи на илегалните мигранти, рече во своето излагање Горанчо Савоски, директор на бирото за јавна безбедност на Република Македонија.
Тој додаде дека борбата со организираниот криминал и организираните криминални групи од лица државјани од двете земји, претставува еден од главните приоритети во работата на БЈБ.
Директорот на државната полиција на Република Албанија Хаки Чако рече дека од исклучителна важност меѓусебната соработка на двете држави.
-Интезивирањето на соработката и договарање конкретни чекори за воспоставување на заеднички работни групи и оперативни тимови за водење заеднички истраги и собирање докази е од круционално значење и заеденички интерес на македонската и албанската полиција. Потребна интензивна и реална размена на информации за поуспешно менаџирање на државните граници и контролирање на движењето на мигрантите низ Македонија и Албанија како транзитни земји, рече Чако.
Тој нагласи дека соработката мора да биде и во делот на поуспешно гонење на сите криминални организации во извршување на прекуграничниот криминал.
Од денешната билатералната средба на експертско ниво меѓу директорите на македонската и албанската полиција, произлегоа неколку заклучоци: формирање координативно тело што ќе ги обединува активностите на заедничките тимови по области на криминал со контакт точки, формирање тимови и средби на опаративно ниво со вклучување на јавните обвинители, тимско заедничко постапување во сузбивање на прекуграничниот криминал и недозволената трговија со дрога и оружје и целосно усогласување на протоколот за прекугранично константно гонење и негово потпишување до крајот на оваа година.
OhridNews