Македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја ќе учествува во плејоф за едно Светско првенство, откако вечерва во Скопје го победи Исланд со 3:1 во последното коло од квалификациите.

Резултатот на Националната арена „Тодор Проески“ го отвори Езѓан Алиоски во 7. Минута. Гостите од Исланд изедначија во 54. минута со погодокот на Јон Дагур Торстеинсон. Потоа на сцена стапи Елиф Елмас кој со два гола (65. и 87. минута) ги однесе „црвено-жолтите“ во баражот за Мундијалот во Катар 2022 година.

Избраниците на селекоторот Благоја Милевски во текот на целиот натпревар имаа голема поддршка од околу 20 илјади гледачи присутни на трибините на Националната арена.

По овој триумф со освоените три бода Македонците го освоија второто место на табелата со вкупно 18 бодови.

На другите две средби од последното, 10. коло во Ј-групата од квалификациите за СП 2022, победи забележаа гостинските репрезентации:
Лихтенштајн – Романија 0:2 и
Ерменија – Германија 1:4.

Директен пласман на Светското првенство во Катар од поодамна избори првопласираната Германија која на крајот освои 27 бода. Од 3-6.место се пласираа: Романија 17 бода, Ерменија 12, Исланд 9 и Лихтенштајн 1.

Извлекувањето на групите за баражот е закажано за 26 ноември.

OhridNews