Македонската филхармонија во петок на 22-ри април 2016 година, во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ Струга, ќе го одржи симфонискиот концерт „Петре и волкот“ кој е наменет за најмладите. 

Ова музичко доживување е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев, а оркестарот ќе го изведе под диригентската палка на Борјан Цанев.

Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. Наратор ќе биде актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.

– Гостувањето на Македонската филхармонија во Струга е дел од мисијата на нашата институција да влијае врз музичката едукација на младите и во другите градови во Македонија. Оваа практика ја почнавме одамна и ја продолжуваме и годинава и освен забавна и уметничка, ваквите концерти имаат и образовна цел. Децата се среќни, доаѓаат на нашите концерти и тоа за нив претставува нешто ново, нешто интересно, а во истовреме и многу поучно, велат од Македонската филхармонија.

Концертот запонува во 13 часот, а влезниците чинат 70 денари.

OhridNews