Македонија е земја со ниска развојна перфоманса, значително пониска во однос на сите соседни земји. Стапката на реален пораст на бруто домашниот производ од 1996 до 2017 е само 2.7%, што говори дека македонската економија функционира далеку под својот потенцијал, истакна академик Таки Фити на отварањето на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, што се одржува во Охрид.

Како што додаде академик Фити, само во последните три години, стапката на раст била блиска до потенцијалниот БДП. Тоа е и една од основните причини за организирање на научната конференција на која се разгледуваат можностите за понатамошен развој на македонската економија. Академик Фити потенцира дека од тоа како се движи економијата и динамиката на развој, зависи благосостојбата на граѓаните и дека малите или занемарливи колебања на стапката на раст имаат долгорочни негативни последици врз економската моќ на граѓаните.

  • Во Македонија има и една нелогичност- и покрај големата ценовна стабилност на економијата растот е слаб, што не е во согласност со економската теорија. Тоа упатува на тоа дека макроекономската стабилност е битен услов за динамичен и одржлив раст и дека има значајни економски и институционални фактори кои го ограничуваат растот, вели Фити.

Задача на економската наука и владата е јасно да ги идентификуваат клучните ограничувачки фактори за да може понатаму да се дејствува во насока на саканиот развој. Да се одреди една кратка дијагноза на состојбите и фокусот да биде на барање на мерки на политиките за надминување на проблемите, мерки кои ќе се во согласност со современата економска наука и употребливи и корисни за креаторите на политиките, нагласува академик Фити.

Според премиерот Зоран Заев во 2018 година, македонската економија се движи во вистински правец, но за да се продолжи тој тренд неопходно е да се осигура евроатланската перспектива на земјата.

  • Во 2018 има раст а на БДП од 3.1 %, македонската економија расте и се стабилизира на долг рок. И покрај падот што го бележи градежништвото растот на БДП покажува дека економијата е раздвижена. Потврда дека економијата се движи во вистински правец е намалувањето на невработеноста, порастот на платите, новите вработувања, намалена просечната малопродажна цена на електрична енергија во домаќинствата. За да го продолжиме тој тренд неопходно е да ја воведеме земјата во најмоќниот сојуз НАТО и ЕУ. Тоа ќе биде најсилната гаранција дека економскиот развој ќе продолжи со забрзано темпо. Факт е дека новите земји членки бележат економски раст и подобар животен стандард. Поголема продуктивнсост, развој на приватниот сектор, зголемен извоз. Нашата економија во иднина мора да генерира многу повисоки стапки на развој од досегашните. И да се со стабилен и предвидлив раст, за граѓаните почувствуваат директен ефект –подобрување на животниот стандард, рече Заев.

Тој додаде дека македонската економија мора да зачекори рамо до рамо со европските економии, да биде конкурентна, стабилна и регионално интегрирана, поради што не смее да се исклучи шансата на патот кон ЕУ и НАТО.

Вицепремиерот и министер за економски пражања Кочо Анѓушев, истакна дека на Република Македонија и е потребна силна и брза индустријализација, нагласувајќи дека основна задаша на државата треба да биде реализација на капитални проекти и изградба на инфраструктура, што реално ќе ја придвижи економијата.

  • Нашата економија и раст на БДП се потпира на четири столба: индустријата, земјоделието, трговијата и размената и градежништвото. Во три од четири Македонија бележи раст, освен во градежништвото каде има одреден пат. Поголем придонес во БДП ќе дадат капиталните проекти во градежништвото кои се во фаза на решавање и заживување и ќе гледаме бројките во градежништвото да ги вратиме назад. Во градежништвото е многу важно да се реализираат проекти кои ќе бидат корисни од граѓаните, а тоа се приватни проекти, изградба на хали, фабрики, станбен и деловен простор, а од страна на државата само изградба на инфраструктура која ќе ја подобрува логистиката на индустријата, а никако трошење пари за непродуктивни работи. Не работа на државата да обновува фасади и споменици, работа на државата е да гради патишта, мостови, цевководи, железници…. само со такви проекти можеме да го заживееме градежништвото на реална основа. – рече Анѓушев.

Научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“ се одржува во организација на Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Владата на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија и Стопанската комора на Македонија. На конференцијата учествува и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, како и претставници на Костал, бизнис заедницата и експерти.

OhridNews