Македонската делегација денес ќе го напушти самитот на НАТО во Букурешт, еден ден пред неговото завршување, изјави македонскиот  министер за надворешни работи, Антонио Милошоски. „Македонската делегација денес ќе го напушти самитот, затоа што во овој момент чувствуваме потреба да бидеме заедно со нашиот народ. “, изјави министерот Милошоски

Македонската делегација што ја предводат  претседателот  Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, заедно со новинарите,  го напуштаат Самитот во Букурешт веднаш по средбата на државниот врв со американскиот претседател Џорџ Буш. Поради тоа Црвенковски и Груевски ги откажаа сите натамошни активности на Самитот.


Македонскиот државен врв го напушти самитот во Букурешт

На Македонија денес и се случи најлошото можно сценарио и покрај тоа што сите, освен една земја, се согласија дека земјата ги исполни сите неопходни услови за да стане членка на НАТО. Таа земја го злоупотреби правото на вето и и нанесе голема неправда на Република Македонија, изјави во Букурешт претседателот Црвенковски. Тој рече дека разочарувањето не смее да ја изолира и парализира земјата. Сега само треба да редефинираме некои од стратешките прашања во однос на тоа како да се остварат во наредниот период и да излеземе со нов концепт. Јас сум подготвен, во соработка со владата, со највлијателните политички партии, како и со сите креативни и интелектуални потенцијали во земјата да го подготвиме новиот концепт на земјата за евро-атлантските интеграции, рече Црвенковски.

Амбасадорот Никола Димитров кој го предводи македонскиот тим во преговорите за името, најави дека во наредните неколку дена Македонија ќе ја разгледа новата ситуација и ќе се донесе одлука дали и под кои услови ќе ги продолжи  преговорите за името со Грција, што се водат  во рамките на ОН.

Наспроти ова министерката за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, изрази жалење што Македонија не добила покана за НАТО и изрази поддршка на Македонските аспирации за влез во Алијансата. „Сакаме да живееме заедно во овој регион во мир и просперитет, сакаме да ја видиме ПЈРМ како дел од НАТО и дел од ЕУ. Ова е нашата цел, но за да го сториме тоа, мораме прво да се справиме со проблемот околу името“, изјави Дора Бакојани.


Груевски му се заблагодари на Буш

Веднаш по средбата со американскиот претседател Џорџ Буш изјава за медиумите даде и македонскиот премиер Никола Груевски кој јавно и се зблагодари на САД за историското залагање да и помогне на Република Македонија. Груевски упати благодарност и на  Словенија, Турција и на сите други кои како што рече “ги ризикуваа  сопствените односи со Грција за да и помогнат на Македонија“. Според Груевски, со наметнувањетто на вето Грција всушност употребила тешка дипломатска артилерија и сигурно ќе се соочи со последиици заради тоа.

„Секој што мисли дека може да ја натера земјата да го направи тоа што некој друг го посакува, е во голема заблуда“, рече Груевски кој најави дека Македонија силно  ќе продолжи да ги остварува реформите и да соработува со своите сојузници.

По неуспехот на самитот во Букурешт, Македонија и САД во наредните две недели ќе потпишат специјален билатерален договор со кој Вашингтон ќе ја гарантира безбедноста на Македонија, јавија македонските медиуми од Романија. За таа цел министерот за надворешни работи Антонио Милошоски наскоро ќе отпатува во САД, каде што ќе се договорат деталите од договорот.

ohridnews
фото: МИА