Македонскиот туристички сектор мора да се прегрупира и да се подготви зашто отворањето на границите е се поблиску, а туристите веќе ги планираат своите одмори, порачаа учесниците на 5. Македонска туристичка берза што се одржа денеска во Скопје.

Според Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија (НАИТМ) која е организатор на Берзата, тоа што следи, треба да се искористи.

Претходната, но и оваа година сите настани кои се организираат, а се поврзани со туризмот, за жал, имаат една порака – што побрзо да заврши кризата со пандемијата и полека да се вратиме во нормала, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во обраќањето.

Министерот посочи дека со задоволство ја прифатил оваа иницијатива за организирање берза од страна на НАИТМ, бидејќи и покрај настанатата ситуација традицијата да се соберат на едно место сите чинители на туристичкиот сектор, како што рече Бектеши, е за поздравуоање.

На настанот беше присутна и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер. Таа истакна дека и покрај корона кризата голем е ентузијазмот за напредок на туристичката индустрија, како и дека со промоција на секторот ќе ја задржиме државава на светската мапа за туризам.

Веруваме дека потенцијалот на туристичкиот сектор во Северна Македонија се уште не е доволно искористен. Во текот на изминатите шест години соработувавме со тур-оператори, јавни институции и организации за деловна поддршка за натамошно подобрување на понудата, создавање поддржувачки екосистем за туризам и подобро промовирање на Северна Македонија како туристичка дестинација, рече амбасадорката Зутер.

Претседелот на НАИТМ, Влатко Сулев во своето излагање потенцира дека петата Македонска туристичка берза е многу важна одлука зашто отворањето на границите е се поблиску и дека туристите веќе ги планираат своите одмори.

Токму во овој период го организираме овој настан – петтата Македонска туристичка берза, за да се охрабриме, да се прегрупираме и да се подготвиме, затоа што отворањето на границите е се поблиску. Секојдневно добиваме се повеќе информации дека туристите веќе ги планираат своите одмори ова лето и есен. Одморот е дел од животот, и има многу луѓе кои и покрај вирусот сакаат да искусат нешто ново, да откријат нови места, нови туристички дестинации. Да не се плашиме, бидејќи не сме сами. Тука се нашите пријатели од Швајцарската амбасада и нивните проекти SIPPO и IME што ни даваат огромна поддршка, не само материјална, туку и морална. Ние веќе работиме на идни проекти за доброто на сите чинители на дојдовниот туризам, изјави Сулев.

Асоцијацијата ја организара Петтата македонска туристичка берза со поддршка на Швајцарската амбасада преку програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и преку Швајцарската програма за поддршка на извозот (СИППО), на Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и за развој на претпријатија, на Проектот за локална и за регионална конкурентност (ЛРЦП) и на Министерството за економија.

OhridNews