Затоа, рече министерот Стојановски, Македонија подготвува стратегија за поддршка на македонистите со лекторати за што се предвидени и повеќе средства во буџетот на државата во 2009 година. „До крајот на оваа година ќе биде изработена националната програма за лекторатите, а наредната година ќе започне нејзината имплементација“, најави Стојановски.
Министерот Стојановски најави поддршка на македонистите
Основната цел на собирот е да се обединат македонистите од странските и домашните универзитетски и научни центри и да се афирмираат македонскиот јазик, литература и култура како посебен идентитет и придобивка за современата европска цивилизација. Со мошне инспиративни теми од областа на македонскиот јазик и литература се пријавени 60 странски македонисти од катедрите за македонистика и славистика при универзитетите во Италија, Германија, Франција, Австрија, Кина, Руска Федерација, Белорусија, Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Романија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Србија, како и 57 професори и научници од универзитетите во Македонија.
Од презентираните трудови на овој меѓународен македонистички собир ќе се објави зборник, кој ќе се дистрибуира до сите славистички центри во светот.